АМСТЕРДАМ СТРАВУВА ОД ПОРАСТ НА УЛИЧНИОТ КРИМИНАЛ АКО НА СТРАНЦИТЕ ИМ СЕ ЗАБРАНИ ВЛЕЗ ВО КОФИ-ШОПОВИТЕ

Амстердам, (Би-Би-Си)

Кога странските туристи ќе се вратат во Амстердам по завршувањето на коронакризата, една од најславните атракции во Холандија можеби нема да им биде достапна. Градоначалничката Фамке Халсема е решена да им забрани пристап во кофи-шоповите, со цел градот да се ослободи од нивното недолично и понекогаш срамно однесување.

Сопствениците на прославените кофи-шопови се побунија и велат ако на туристите им се забрани влез во регулираните места, тие ќе бидат турнати во рацете на уличните криминалци.

Слободното уживање во марихуаната и други природни дроги е една од причините што Амстердам годишно го посетуваа 20 милиони туристи. Како и остатокот на Холандија, и Амстердам моментално е затворен и добар дел од неговите 850.000 жители би сакале градот никогаш да не се врати во некогашната состојба.

Халсема има план за тоа: ако го прекине канабис туризмот, тоа ќе одврати таков тип на гости. За разлика од Амстердам, кофи-шоповите во остатокот на земјата веќе бараат доказ за жителство од посетителите.

Тука живеам цел живот. Луѓето кои доаѓаат да пушат марихуана не се оние кои прават проблеми“, вели Јоахим Хелмс, сопственик на кофи-шопот „Гринхаус“.

Контрадикторните холандски регулативи го создадоа она што се нарекува „политика на задна врата“: производството на канабис е незаконско, но на кофи-шоповите им е дозволено да го продаваат, односно продажбите на мали количини се толерираат. Оваа политика значи дека тие се снабдуваат со стоката од криминално подземје, од оние кои илегално ја одгледуваат во Холандија или ја шверцуваат од Мароко, Јамајка, Колумбија и Тајланд.

Во десет други градови веќе се спроведува експеримент кој на мал број кофи-шопови им дозволува да купуваат марихуана од лиценцирани домашни одгледувачи.

Додека други градови одат напред, либералниот и толерантен Амстердам назадува. Со забраната најсреќни ќе бидат бруталните, улични дилери. Јас го затворам дуќанот во еден часот, а тие веќе чекаат. Нема да биде безбедно на улиците како што е сега. Ќе се појават и нови дилери, илјадници. Кофи-шоповите имаат важна улога во заштитата на млади луѓе“, вели Хелмс.