ПОЧИНА ХИЛТОН ВАЛЕНТАЈН, ГИТАРИСТОТ НА „ЕНИМАЛС“ И АВТОР НА ЕДЕН ОД НАЈСЛАВНИТЕ РИФОВИ ВО РОК МУЗИКАТА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Хилтон Валентајн, гитаристот на „Енималс“ кој го создаде еден од најпознатите рифови во рок музиката, почина на 77 години.

Нивната верзија на блуз стандардот „Куќата на изгрејсонцето“ (The House of the Rising Sun) се најде на првото место на британската и американската топ листа во 1964 година. Валентајн е заслужен за славниот вовед во песната, која првично била одбиена како сингл, зашто нивниот продуцент сметал дека е предолга со своите четири и пол минути. Токму оваа песна ѝ обезбеди на групата место во рок историјата.

Валентајн беше еден од основачите на „Енималс“ во 1963, а ја напушти три години подоцна откако се растури оригиналната постава. Потоа почна соло кариера и во наредните децении учествуваше во неколку обединувања на групата.