Аргентинското семејство Зап се враќа дома по цели 22 години откако го обиколи светот во автомобил од 1928 година. Херман и Канделарија Зап ја почнаа својата авантура во 2000 година и во меѓувреме добија и пораснаа четири деца.
Тие досега поминале 362.000 километри на пет континенти и пред три дена влегоа во Аргентина од Уругвај, а нивното доаѓање кај Обелискот во центарот на Буенос Аирес се очекува в недела. Токму од тоа место и тргнаа на пат околу светот на 25 јануари 2000.
„Имам измешани чувства. Го завршуваме, исполнуваме сонот. Што следува сега?“, вели 53-годишниот Херман, кој веќе размислува да плови околу светот.
Канделарија, која имаше 29 години кога тргна на патувањето, вели дека најдоброто и најголемо откритие ѝ се луѓето што ги сретнале попат.
„Луѓето се прекрасни, човештвото е неверојатно. Многу луѓе ни помогнаа“, изјави таа.
Додава дека посетиле најмалку 102 држави и дека некогаш морале да одат по заобиколен пат за да избегнат војни и други видови конфликти.
Херман и Канделарија биле во брак шест години кога го почнале патувањето. На пат за Алјаска некој им понудил американски автомобил „грем-пејџ“ од 1928, кој бил во доста лоша состојба.
„Моторот беше лош, бојата беше лоша. Седиштата не се добри, нема клима. Не изгледа удобно, но беше чудесен. За 22 години променивме само осум комплети гуми и имавме една поправка на моторот. Тој буквално ни беше дом“, вели Херман.
Нивните деца, кои сега имаат 19, 16, 14 и 12 години, се родени во САД, Аргентина, Канада и Австралија.