АВИОНСКИ КАФУЛИЊА ВО ТАЈЛАНД ИМ ОВОЗМОЖУВААТ НА ГОСТИТЕ ДА СЕ ЧУВСТВУВААТ КАКО ДА ЛЕТААТ

Бангкок, (АФП)

Додека милиони луѓе се принудени да седат дома поради пандемијата на коронавирусот, „авионски кафулиња“ во Тајланд им нудат можност на своите муштерии да си замислуваат дека се на небото.

Сместени во трупот на некогашен патнички авион во крајбрежниот град Патаја, „патниците“ пијат кафе седнати во седиштата од прва класа и дури имаат можност да ја разгледаат пилотската кабина.

„Во ова кафуле можам да седам во првата класа и да се зафркавам во кокпитот, преправајќи се дека сум пилот. Многу е забавно“, вели еден 26-годишен посетител.

(Фото: АФП)

Во друго кафуле во седиштето на националниот авиопревозник „Таи ервејс“, гостите можат да јадат авионска храна, која авионскиот екипаж ја служи во пластични садови.

„За мене, ова е повеќе од обичен оброк. Вообичаено, јас сум личност која многу патува, а сега сме принудени да седиме дома и тоа е депресивно. Ова кафуле ми го враќа она што ми недостига“, изјави 38-годишниот Интравут Симапичет.

Тајландската економија во голема мера зависи од туризмот, па земјата тешко ја погодија рестрикциите за патувањата што ги воведоа другите држави.