До неодамна поим за најлош облик на претераниот туризам, Барселона сега сака да биде пример за оние градови чија економија премногу се потпираше на овој сектор. Таа сега одново се открива себеси, додека локалните жители повторно ги преземаат јавните простори, почнувајќи од најславната улица, Ла Рамбла.

„Коронакризата ги изложи слабостите на модел заснован на еден економски сектор – туризам. Ла Рамбла е центарот на таа економска монокултура и работиме на тоа да ги вратиме локалните луѓе на најпознатите улици во градот“, вели Жорди Рабаса, градскиот советник за Сиутат Велја, најстариот и најпосетен дел на Барселона.

Туризмот покрива 15% од буџетот на Барселона, но Сиутат Велја како во целост да е зависен од туристите. Многу бизниси не ни почнаа со работа по карантинот во март, а знакот „се издава“ пречесто се среќава. Барселона смета дека културата е она што може да ја спаси Ла Рамбла.

На Ла Рамбла се наоѓаат три театри и оперска куќа (Фото: Гети)

„Ако сакаме жителите на Барселона да се вратат на Ла Рамбла, мора да им понудиме нешто што го сакаат и ги интересира. Треба да им понудиме културни настани, од опера до поп култура“, вели Фермин Вилјар, претседател на „Пријатели на Ла Рамбла“, асоцијација на локални бизниси и жители.

Многумина забораваат дека Ла Рамбла е дом на три театри, оперска куќа, музеј на уметност и фотофрафија и на неколку музички сали, а во центарот на оваа културна обнова треба да биде големиот „Театре принсипал“, отворен во 1603 година, но кој не работи од 2006. За негови обнова и модернизација веќе се собрани 35 милиони евра.

„Сакаме да станеме високотехнолошки уметнички центар на јужна Европа. Место за учење, откривање и интеракција, искуство и за возрасни и за деца“, додаде Вилјар.

Ла Рамбла има околу 680 постојани жители, а се проценува дека пред коронакризата имало 100 милиони поминувања по неа годишно.

„Она што ни треба е контрола, инаку ќе завршиме како Тихуана. Ни требаат туристи што ќе нѐ почитуваат, а не да се жалат како не можат да купат алкохол на улица“, вели Вилјар.