Окружен со мистерија и приказни за демони и духови, Бунарот на Бархут на истокот на Јемен е малку објаснето чудо на природата.

Поблиску до границата со Оман отколку до главниот град на Јемен, Сана, огромната дупка во пустината во провинцијата Ал-Махра е широка 30 метри, а се верува дека е длабока меѓу 100 и 250 метри. Локалниот фолклор вели дека била создадена како затвор за демони, репутација зајакната со смрдеата што доаѓа од нејзините длабочини.

Позната и како Бунар на пеколот, јеменските власти велат дека не знаат што се наоѓа на дното.

„Многу е длабока. Никогаш не сме стигнале до дното на бунарот бидејќи долу има многу малку кислород и нема вентилација. Ја посетивме областа и влеговме во бунарот, но стигнавме до длабочина од 60-65 метри. Забележавме чудни работи внатре. Исто така, и намирисавме нешто чудно“, изјави Салах Бабхир, генералниот директор на Агенцијата за геолошки истражувања и минерали на Јемен.

Сончевата светлина не допира длабоко во дупката, па од нејзиниот раб може малку да се види. Оние кои се обидоа да ја снимат внатрешноста на бунарот кажаа дека е речиси невозможно нешто да се фати.

„Бунарот е стар милиони години. Треба да се истражи и проучи“, додаде Бабхир.