БУНКЕРИТЕ НА АЛБАНИЈА СОБРАНИ ВО КНИГА НА БРИТАНСКИ ФОТОГРАФ

Лондон, (Би-Би-Си)

Фотографот Роберт Хекмен создаде книга на фотографии, во која се собрани голем број од бункерите што беа изградени низ Албанија од 1975 до 1989 година, во страв од ескалирањето на Студената војна. Нивната бројка се проценува на 500.000, некои денес се занемарени и пропаѓаат, а некои се пренаменети во домови, кафулиња, ресторани, базени, штали или резервоари за вода.

За време на неизвесните години од Студената војна, албанскиот лидер Енвер Хоџа го убедил својот народ да се подготви за уништувачка нуклеарна војна и дека надворешниот свет се обидува да го урне неговиот режим. Неговото решение било масовна изградба на бункери. Книгата на Хекмен насловена „Метаморфоза“ ги прикажува едноличните бетонски градби во нивни денешен изглед.

„Фабриките за бетон во секоја општина правеле бункери 24 часа на ден, секој ден од 1975 до 1989 година. Еден работник со кој разговарав ми кажа дека во неговата фабрика имало три смени од по осум часа. Секоја смена работела на посебен дел од бункерот, па еден работник не можел да ги знае сите градежни детали. Друг работник ми кажа дека осум години работел на нивно поставување. Ги има толку многу и буквално насекаде, што веќе се претопени со околината“, вели Хекмен.

(Фото: Р. Хекмен)