„ДИЗНИ“ ЌЕ ГРАДИ ЗООТОПИЈА ПАРК ВО ШАНГАЈ

Шангај, (Си-Ен-Ен)

„Шангај Дизни ресорт“ ги објави плановите за тематскиот парк „Зоотопија“, прв во кој било Дизниленд, инспириран од истоимената анимирана комедија од 2016. „Дизни“ соопшти дека изградбата ќе почне при крајот на годинава, без да прецизира датум на отворање.

„Во Зоотопија секој може да биде сѐ што сака. Новата главна атракција беспрекорно ќе се вклопува во приказната на ‘Дизни’ и најсовремената технологија“, стои во соопштението на компанијата.

Изборот на локацијата не треба да е изненадување, со оглед на големиот успех на филмот во Кина. Тој ги сруши рекордите на кино благајните и стана најгледан анимиран филм на сите времиња во земјата.

„Шангај Дизни ресортот“ се отвори во 2016 и лани, заедно со „Пиксар“, отвори и придружен дел посветен на филмот „Приказна за играчките“.