Владимир Путин синоќа ја призна независноста на самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск, за што овие два региона во источна Украина се бореа откако дојдоа под контрола на проруските сепаратисти во 2014.
- Доњецк и Луганск се дел од регионот Донбас на границата со Русија, во кој има и подрачја со кои управуваат украинските владини сили.
- Порано познати како Сталино и Ворошиловград (според маршалот на Црвената армија, Климент Ворошилов), Доњецк и Луганск се индустриски центри во кои што доминираат ископ на јаглен и производство на челик.
- Мнозинството од 3,6 милиони жители зборува руски, што е резултат на миграцијата на руските работници во регионот по Втората светска војна.
- Во изминатите години, Москва издала над 720.000 руски пасоши на тамошните жители.
- Двата региона се во вооружен конфликт со украинските сили откако Русија го анектираше Крим во 2014 и досега загинале над 14.000 луѓе.
- Откако на референдуми изгласаа независност, тие станаа народни републики, но до вчера, таквиот статус не им беше признат од ниедна држава.
- Двата региона имаат свој претседател: Денис Пушилин на Доњецк, а Леонид Пасечник на Луганск.