Египет ја отвори за јавност една од своите најнеобични градби, „Свитканата пирамида“, 101 метар висока структура јужно од Каиро изградена за фараонот Снеферу, која претставува клучен чекор во еволуцијата на конструирањето пирамиди.
Туристите ќе можат да се спуштат низ 79 метри тесен тунел за да стигнат до две простории длабоко во внатрешноста на 4.600 години старата пирамида.
„Свитканата пирамида“ е една од двете изградени за основачот на Четвртата династија, фараонот Снеферу, во Дашур, јужниот крај на некрополата Мемфис, што почнува кај Гиза.
Нејзиниот изглед е необичен. Првите 49 метри се изградени под остар агол од 54 степени, а потоа се свиткува кон врвот под агол од 43 степени. Таа се разликува од Црвената пирамида на Снеферу, која има целосно рамни страни и е прва од целосно формираните древни египетски пирамиди.
„Архитектите го промениле аголот кога во структурата се појавиле пукнатини. Снеферу живеел навистина долго и архитектите сакале да го постигнат комплетниот изглед на пирамида. Каде точно е погребан Снеферу, не сме сигурни, можеби токму во ‘Свитканата пирамида‘“, вели Мостафа Вазири, генералниот секретар на Врховниот совет за антиквитети на Египет.