Десетици илјади моторџии од целиот свет се собраа во Прага, за да ја одбележат 115-годишнината од основањето на најпознатиот американски производител на мотоцикли „Харли-Дејвидсон“.
Прага не е случајно избрана бидејќи е дом на 90-годишниот „Харли-Дејвидсон клуб“, најстар во светот. Тоа е најголемиот собир надвор од матичниот Милвоки, кадешто слична забава е закажана за крај на август. На четиридневниот собир со музика, мотоцикли и чешко пиво, дојдоа повеќе од 60.000 моторџии и околу 40.000 гости од повеќе од 70 земји.
Околу 4.000 моторџии, избрани на лотарија и облечени во кожа, тексас и заштитни шлемови од сите видови, парадираа низ центарот на градот.
„Овој бренд е навистина голем за толку многу луѓе низ целиот свет”, вели Карен Дејвидсон, правнука на еден од основачите.
Европа изминативе години стана важна за „Харли-Дејвидсон“, веќе доминантен играч на пазарот за мотоцикли во САД. Во 2017 година, компанијата продаде речиси 40.000 нови мотоцикли во Европа.