Италија ќе ги поврзе сите свои национални паркови со една пешачка патека, инспирирана од Камино де Сантијаго во Шпанија.
Сентиеро деи парки (Патека на парковите) ќе биде единствена пешачка патека која ќе ги спои 25-те национални паркови во земјата и ќе се протега од Алпите преку Апенините, па сѐ до Сицилија и Сардинија.
„Нашите национални паркови се богатство на природата. Мора да ја гарантираме нивната заштита, но и да ги направиме достапни“, изјави италијанскиот министер за животна средина Серџо Коста.
Патеката ќе се развива заедно со веќе постоечката Сентиеро Италија (Голема италијанска пешачка патека), која е долга повеќе од 7.000 километри, но опфаќа само 18 национални паркови. Новата патека ќе се надоврзе на неа и ќе ги вклучи сите паркови, како и заштитени области и природни локации кои се наоѓаат на листата на УНЕСКО.
Ќе се воведат и посебни пасоши за оние кои одат по патеката и на секоја станица ќе добиваат печат.