Поради пандемијата на ковид-19, најголем број крузери останаа закотвени, но независно од тоа, италијанската влада им забрани на огромните патнички крузери да поминуваат покрај плоштадот Св. Марко во Венеција. Бродовите отсега ќе мора да наоѓаат други места за пристанување, оти Венеција сака да ја заштити својата кревка лагуна.
Во декретот на Владата е наведено дека одлуката се носи со цел да се заштити уметничкото, културолошко и еколошко наследство на Венеција. Владата му наложи на градот да објави „јавен повик за идеи“ за да се најдат алтернативни пристаништа, каде што ќе може да се позиционираат големи бродови со контејнери и крузери од над 40.000 тони. Исто така, се планира да се изгради терминал надвор од лагуната.
Италијанскиот министер за култура Дарио Франческини кажа дека одлуката, која наиде на големо одобрување кај еколошките здруженија, е донесена под влијание на УНЕСКО.