КИНА ЌЕ СТАНЕ НАЈПОСЕТУВАНА ЗЕМЈА НА СВЕТОТ ДО 2030

Пекинг, (Гардијан)

Кина до 2030 година ќе ја претрка Франција како најпосакувана туристичка дестинација на светот, се вели во новиот извештај на истражувачката компанија „Јуромонитор интернешнал“.

Освен што ќе прима повеќе посетители од која било друга земја, Кина исто така ќе има најголема бројка свои туристи во странство, 260 милиони до 2030 година, во што ќе ги помине САД и Германија.

„Туризмот сега е еден од клучните столбови на кинеската економија. Кина ќе биде најголемиот пазар за странски туристи до 2030 година, при што најголем дел од нив доаѓаат од други азиски држави, вклучувајќи ги Хонг Конг и Тајван“, вели Воутер Гертс, консултант во „Јуромонитор“.

Овие бројки се должат на економскиот раст на Кина и на зголемените приходи на жителите од соседните држави. Кина, исто така, почна полесно да издава визи за државјани на други азиски земји.

„80% од странските туристи во Кина доаѓаат од азиски држави“, вели Гертс.