Со помалку од 950 заразени и само 17 смртни случаи, Кипар значително подобро се справи со коронавирусот од повеќето земји.
Кипар ќе ги отвори аеродромите за меѓународните летови на 9 јуни, а со цел да се прикажат како безбедна земја за странски туристи, властите излегоа со необична понуда. Тие ветија дека ќе им го платат целиот одмор на оние кои ќе имаат позитивен тест за коронавирус додека престојуваат во земјата.
„Владата ќе ги покрие трошоците за престој, лекови и храна за заразените туристи и нивните семејства“, соопшти владата.
Заменик министерот за туризам Савас Пердиос кажа дека ќе подготват болница со 100 кревети специјално за туристите со позитивен тест, како и неколку „карантински хотели“ за членовите на нивните семејства.
Кипар ги затвори границите и ги забрани меѓународните летови во март, но сака што побрзо да ги врати туристите, имајќи предвид дека оваа гранка претставува 15% од бруто домашниот производ.