КЛУБОВИТЕ ЗА ВЕЧЕРА ВО ДОМАШНА АТМОСФЕРА СЕ ХИТ ВО ДУБАИ, ТУРИСТИТЕ ЈАДАТ НА ИСТА МАСА СО НЕПОЗНАТИ ЗА 100 ДОЛАРИ

Дубаи, (Си-Ен-Ен)

Дубаи има околу 18.000 ресторани со избор на кујни од целиот свет. Една од поновите атракции се „клубовите за вечера“, ресторани направени дома, во кои гостите можат да си донесат свои пијалаци. Вечера за еден може да чини околу 100 долари.

„Сакав да ги доведам луѓето под еден покрив, на една маса, да ги натерам да зборуваат без граници и да споделам оброк и разговор“, вели палестинскиот готвач Ахмад Халава, кој започна да го менаџира својот клуб во 2019 во неговиот дом, организирајќи вечери за викенди.

На почетокот доаѓаа само пријателите и семејството. Но, штом почнала да се шири веста за вкусните јадења на Халава, и други луѓе почнале да резервираат места.

Во рестораните направени дома гостите можат да си донесат свои пијалаци (Фото: Инстаграм)

Во вечерните клубови се прават вечери со мени организирано од аматери или професионални готвачи. Гостите честопати не го знаат менито или локацијата додека не резервираат. Луѓето се охрабруваат да дојдат сами или само со еден пријател, а можат да донесат и свои пијалаци.

Халава ја напуштил работата во ресторан во 2021 и сега прима до 30 гости двапати неделно во неговиот двор. Туристи плаќаат над 100 долари за да ги пробаат неговите креативни менија.

Иако одличната храна е клучна за секоја вечера, Халава вели дека социјалниот аспект на вечерните клубови ја зголемува нивната привлечност во Дубаи, каде што околу 90% од населението се странци.