Сингапур прво планираше да организира „летови за никаде“, кои би полетувале и слетувале на аеродромот „Ченги“, а сега ќе понуди патувања до истата дестинација со крузери, во обид да ѝ даде поттик на својата туристичка индустрија, тешко погодена од пандемијата на коронавирусот.

На крузерите не им е дозволено да пристануваат во Сингапур од 13 март. Туристичките власти на Сингапур издадоа нови регулативи за крузери, кои предвидуваат тие да пловат само со 50% капацитет или помалку, а патувањата да бидат кружни, без застанувања во пристаништа.

Две домашни компании ќе учествуваат во пилот-програмата, а ќе може да патуваат само жителите на Сингапур. Сите патници ќе бидат тестирани за коронавирус пред тргнувањето и ќе мора да се обезбеди постојана циркулација на чист воздух низ бродот. Првиот „крузер за никаде“ ќе тргне во ноември.

Сингапур ги откажа „летовите за никаде“ од еколошки причини.

Ваква авантура вчера реализираше австралиската компанија „Квантас“. Седумчасовниот лет со „боинг 787 дримлајнер“, вообичаено резервиран за меѓународни патувања, тргна од Сиднеј, прелета над неколку сојузни држави и Големиот Корален Гребен и се врати назад. Сите 150 места биле распродадени за рекордни десет минути, објавија од компанијата, додавајќи дека планираат уште вакви летови.