МАРС ИЗГЛЕДА НАЈГОЛЕМО И НАЈСВЕТЛО НА НОЌНОТО НЕБО ОД 2003 ГОДИНА

Лондон, (Би-Би-Си)

Марс моментално изгледа најголемо и најсветло на ноќното небо во последните 17 години, како што „црвената планета“ се наоѓа во линија со Земјата од истата страна на Сонцето.

На секои 26 месеци, двете планети го прават ова порамнување, доближувајќи се една кон друга, пред повторно да фатат различни орбити околу Сонцето. Моментот што астрономите го нарекуваат „опозиција“ ќе се случи в среда во 1:30 часот по македонско време, кога сите три тела ќе бидат во иста линија.

Иако „опозицијата“ ќе се случи оваа недела, Марс и Земја всушност изминатиот вторник се доближија најмногу еден до друг во овој 26-месечен циклус. Тогаш меѓусебно биле оддалечени 62.069.570 километри, а следното вака „мало“ растојание ќе биде во 2035 година.

Во 2003, Марс најмногу ѝ се доближи на Земјата во последните 60.000 години, кога ни бил на 56 милиони километри. Оддалеченоста меѓу овие две планети знае да биде и над 100 милиони километри, како што беше во 2012.