„Мона Лиза“ е повторно во центарот на внимание. Парискиот музеј Лувр, кој е дом на најпознатиот портрет на светот, денеска повторно ги отвори своите врати по четири месеци пауза, но без вообичаените гужви и редици.
„Супер! Сега е идеално време да се посети музејот“, вели еден турист од Белгија.
Оние на кои туризмот им е работа не се така воодушевени од ситуацијата во Париз.
„Целата моја сезона пропадна. Нема никого наоколу. Многу е драматично“, вели туристичкиот водич Катија Бенар Русо.
Во Лувр, носењето маска е задолжително, а бројот на посетители е ограничен и потребна е резервација. Во моментов се отворени 70% од музејот, па има доволно да се види. Лувр го посетуваат 10 милиони луѓе годишно, но оваа година тоа ќе биде недостижно.
„Губиме 80% од нашите посетители. Ова лето очекуваме меѓу 4.000 и 10.000 гости на ден, што е само 20-30% во споредба со лани“, изјави директорот Жан-Лик Мартинез.