НАГРАДНА ИГРА НУДИ УНИКАТНО ДОЖИВУВАЊЕ ДА СЕ ПРЕСПИЕ ВО КИНЕСКИОТ ЅИД

Пекинг, (Си-Ен-Ен)

Кинескиот ѕид секоја година привлекува милиони туристи, а сега, за првпат во илјадници години, ќе биде домаќин на отворен простор.

Интернет-страницата за изнајмување соби и домови, „Аирбнб Кина“, почна наградна игра „Ноќ на Кинескиот ѕид“, која ќе овозможи на четворица среќници со нивните гости да преспијат во сопствено дизајниран „дом”, поставен во една од кулите на објектот, заштитен од УНЕСКО.

По објавувањето на играта имаше измешани реакции кај Кинезите, особено дека би можеле да се оштетат ѕидините, но генерално тие беа позитивни (Фото: Аирбнб)

На зајдисонце, гостите ќе уживаат во разновидна гурманска вечера, во придружба на традиционална кинеска музика. Утрото потоа, ќе го следат изгрејсонцето и ќе слушаат предавање за Ѕидот од официјални историчари.

Според соопштението од „Аирбнб“, наградната игра ќе го доближи Кинескиот ѕид до светот и ќе го промовира туризмот во Кина, осврнувајќи се на широките напори за зачувување на Ѕидот и за заживување на кинеската култура.

Четворица наградени туристи со нивните гости ќе спијат во сопствено дизајниран „дом”, поставен во една од кулите на објектот заштитен од УНЕСКО (Фото: Аирбнб)

Наградната игра, која важи за целиот свет, ќе заврши на 11 август, а победниците, избрани од жири, треба да бидат слободни да патуваат од 3 до 9 септември.

Учесниците мора да одговорат на две прашања со 550 карактери или помалку: „Зошто е поважно сега од кога и да е порано да се прекинат бариерите помеѓу културите? Како би сакале да изградите нови врски?”.

„Ова е нешто помагично и од Хари Потер. Спремен сум да го сторам тоа, дури и да ме изедат комарци”, се вели во еден пост на социјалните мрежи.