Забраната за користење марихуана во Непал наскоро би можела да стане минато зашто пратениците сакаат да ја вратат либералната политика за дроги, што оваа хималајска држава своевремено ја направи популарна хипи дестинација.
Пред половина век, илјадници луѓе од цел свет доаѓаа во Катманду за да купат моќни соеви на хашиш во лиценцираните продавници на таканаречената Улица на фрикови, именувана според многубројните странски туристи со долги коси. Тие беа затворени во 1973 година под притисок на глобалната војна против дрогите, предводена од Вашингтон, а истовремено беше воведена забрана за одгледување канабис.
Сега кога западните земји ги олабавуваат законите, и непалската влада смета дека е време да се декриминализира растението кое со векови било дел од локалните културни и верски практики.
„Неоправдано е сиромашна држава како Непал да го третира канабисот како дрога. Нашиот народ беше казнет, а се зголеми корупцијата поради шверцот“, вели министерот за здравство Бирод Кативада.
Прохибицијата запре долга традиција на одгледување марихуана во Непал, каде што расте и диво, а деловите од растението се користеа во исхрана, за правење облека и во традиционалната ајурведска медицина.
„Забраната уништи важен извор на приходи во овој регион. Се заборави дека марихуаната беше дел од нашите култура и секојдневен живот“, вели активистот Раџив Кафле.