ЊУЈОРК ЌЕ ПРЕТВОРИ 160 КИЛОМЕТРИ УЛИЦИ ВО ПЕШАЧКИ ЗОНИ ДОДЕКА ТРАЕ ПАНДЕМИЈАТА

Њујорк, (Гардијан)

Градоначалникот на Њујорк Бил де Блазио ќе претвори 160 километри од градските улици во пешачки зони за да можат жителите да се движат и рекреираат послободно во екот на пандемијата на коронавирусот.

Проектот наречен „Отворени улици“ ќе почне да се спроведува овој месец, кога во прв момент ќе бидат ослободени улици во вкупна должина од 65 километри, што со тек на време ќе порасне до 160.

„Отворањето на улиците ќе биде уште еден начин да се поттикне социјалното дистанцирање, затоа што доаѓа топлото време и тогаш ќе имаме нов предизвик“, изјави Де Блазио.

Отворањето на улиците за пешаците ќе почне в понеделник и планот ќе се спроведува во координација со градскиот совет.

„Ова е само почеток. Ова ќе им даде повеќе простор на луѓето и ќе може да се следи дали има поголеми собири, како спортски и групни активности. Тоа ќе биде простор на кој пешаците и семејствата ќе можат да се чувствуваат многу поудобно и побезбедно“, кажа Де Блазио.

Тој најави дека се планира и проширување на тротоари и создавање повеќе привремени велосипедски патеки.