ОМИЛЕНИОТ ФРАНЦУСКИ МАНАСТИР МОН-СЕН-МИШЕЛ СЛАВИ 1.000 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

Париз, (АП)

Омилениот француски манастир Мон-Сен-Мишел достигна длабока старост од 1.000 години. Милениумскиот роденден на локалитетот под заштита на УНЕСКО и клучен магнет на туризмот во Нормандија почна да се прославува уште во ноември со изложби, концерти и други настани, а сега го посети и претседателот Макрон.

„Манастирот стоеше силен низ времето и го отелотворува францускиот дух на издржливост и отпор“, кажа Макрон.

(Фото: АП)

Макрон ја посети и новата изложба за историјата на манастирот, која ја вклучува и обновената статуа на Свети Михаил. Според легендата, архангелот Михаил во 708 година му се укажал на бискупот на соседниот град Авранш и го поучил како да изгради црква на карпестиот остров, кој е поврзан со копното само преку тесна патека при плима.

Изложбата појаснува како оригиналната структура, изградена во 966 година, станала премала за многубројните аџии, поради што била создадена опатијата од 11. век, која стои и денес.

Франција вложила 32 милиони евра во 15-годишната обнова на манастирот, која сега привршува. Една од најпопуларните француски дестинации надвор од Париз привлекува над два милиона туристи годишно, додека само 30-ина луѓе постојано живеат во околното село.

(Фото: Гети)