ПЕШТЕРАТА ВО ТАЈЛАНД ВО КОЈА ИСЧЕЗНАА 12 МЛАДИ ФУДБАЛЕРИ ПОВТОРНО ОТВОРЕНА ЗА ЈАВНОСТ

Бангкок, (Би-Би-Си)

Туристите влегоа во пештерата Там Луанг во Тајланд за првпат од драматичното спасување на 12-мина млади фудбалери и нивниот тренер, кое минатата година повеќе од две недели го окупираше интересот на светската јавност.

Околу 2.000 посетители денеска се собраа пред пештерата со надеж дека ќе бидат меѓу првите кои влегле внатре, објави „Бангкок пост“. Пештерата ќе биде отворена осум часа во денот и во еден момент внатре ќе можат да бидат најмногу 20 луѓе.

Децата на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер исчезнаа на 23 јуни минатата година кога тунелите на пештерскиот систем ненадејно се поплавиле по пороен дожд. Тие беа лоцирани по неколку дена, а во високо ризична меѓународна спасувачка операција, во која загина еден професионален нуркач, беа извадени надвор по 17 дена.

Оттогаш, повеќе од милион луѓе ја посетиле пештерата во провинцијата Чијанг Раи, без да им биде дозволено да влезат внатре. „Нетфликс“, исто така, ги откупи правата за снимање минисерија за спасувањето.