ПО ТРИ МЕСЕЦИ ПРАЗНИ ПЛОШТАДИ, ТУРИСТИТЕ СЕ ВРАТИЈА ВО ВЕНЕЦИЈА

Венеција, (АФП)

Три месеци плоштадите беа празни, а гондолите паркирани, но туристите овој викенд се вратија во Венеција, откако повторно беше отворена Дуждовата палата, едно од обележјата на градот.

Стотици домашни и странски посетители направија редица од 300 метри на плоштадот Свети Марко и локалните медиуми објавија дека за првиот ден биле направени илјада резервации преку интернет.

Пред Дуждовата палата викендов имаше редица од 300 метри (Фото: АФП)

„Редица се направи уште во осум часот и да бидам искрена, тоа е она на што се надевавме. Емоциите се многу силни, како прв ден на училиште“, изјави Марија Кристина Грибауди, претседателката на Асоцијацијата на музеите на Венеција.

Внатре во палатата, маските се задолжителни и посетителите се предупредуваат да држат дистанца.

По неколку месеци без туристи, викендов можеше да се забележи голема промена во градот, па повторно се отворија и рестораните и продавниците за сувенири.

„Иако главно се слушаше италијански, изненадувачки имаше и доста Германци и Французи. Се надеваме дека туризмот малку ќе забави во иднина. Тоа не значи дека сакаме помалку туристи, туку подобра организација“, додаде Грибауди.