КОНЦЕРТИ ШТО СЕ СЛЕДАТ ОД АВТОМОБИЛИ СЕ ИЗЛЕЗ ОД КРИЗАТА ЗА МУЗИЧКАТА ИНДУСТРИЈА СРЕДЕ ПАНДЕМИЈАТА

Сиднеј, (Гардијан)

Концерти што публиката ги следи од своите автомобили (drive-in) се појавија како креативно решение за музичката индустрија во времето на кризата со КОВИД-19.

Пандемијата ги запре настапите во живо, а со тоа и главниот извор на приходи за музичарите и големите јавни собири на кои што луѓето буквално се залепени едни до други ќе бидат меѓу последните работи што ќе се вратат. Речиси сите фестивали оваа година се откажани и некои предвидуваат дека нивното враќање не треба да се очекува пред втората половина на 2022.

Откако овој формат првпат беше тестиран во Данска, Чешка и Германија, Австралија и САД најавуваат серија drive-in концерти во наредниот период, со цел на фановите да им се даде доза на музика во живо во периодот кога концертните сали остануваат затворени. Тоа ќе бидат први платени настапи за многумина во музичката индустрија од март.

Ова само нагласува колку музичката индустрија е очајна и гладна за работа. Откако ги најавивме свирките, постојано добиваме повици од продуцентски куќи и снабдувачи со храна и пијалаци. Сите едвај чекаат да почнат со работа“, вели Синди Џенсен, директорката за фестивалот „Ервејс“, кој ги организира концертите. 

Рок дуото „Хоки дед“ планира следниот месец да одржи концерт пред 400 автомобили. Публиката ќе седи во своите возила и ќе смее да излегува само за тоалет, но најважно ќе биде во секој момент да се држи физичка дистанца.