По долгогодишни реновирања, римскиот Колосеум за првпат ги отвори подземните премини, кафези и простории каде што затвореници, животни и гладијатори чекале пред да се отворат портите и да излезат во арената. Амфитеатарот стар 2.000 години, најголем во Римското Царство, е најпопуларната туристичка атракција во Италија. Во 2019 го посетиле 7,6 милиони луѓе.
„Над 80 археолози, архитекти и инженери работеа во подземјето, со цел споменикот кој го обожава цел свет да го добие заслуженото внимание“, вели Диего Дела Вале, директорот на италијанската модна групација „Тод“, која го финансираше проектот.
Поставена е и пешачка патека од 160 метри, преку која може да се стигне до делови кои претходно не беа достапни.
Целиот процес на обнова започна пред осум години, ова е втората од планираните три фази и чини 25 милиони евра. Во последната фаза, која е предвидена да заврши за околу три години, ќе се обноват галериите и системот за осветлување и ќе се направи нов центар за посетители.