Во услови кога туристите се дома, бродовите закотвени, а локалните фабрики затворени поради коронавирусот, големи јата розеви фламинга уживаат во новооткриениот мир покрај западното крајбрежје на Албанија.
Илјадници фламинга овие денови можат да се видат како прелетуваат над бистрата вода на лагуната Нарта, која е важен локалитет за птици преселници на јадранскиот брег на Албанија. Нивниот број порасна за една третина од јануари и сега ги има околу 3.000, велат властите во паркот.
„Сега кога луѓето мора да седат дома, дивиот свет ги поврати сите свои апсолутни права и ужива во слободата на природата“, вели Неџип Хисолакој, директорот на оваа заштитена област.
Конзерваторите се надеваат дека тишината ќе ги охрабри овие грациозни птици да го направат следниот чекор и ќе почнат да се парат.
„Сега е време за љубов. Во изминатите недели тие се придвижија малку подалеку во лагуната и почнуваат со ритуалите на додворување. Тука имаат совршени услови за размножување“, додаде Хисолакој.