САНТОРИНИ СЕ СООЧУВА СО НАЈЛОШАТА СЕЗОНА ДОСЕГА, РЕАЛНАТА СЛИКА НЕ Е КАКО НА ИНСТАГРАМ

Грција, (Си-Ен-Ен)

Блескавите бели куќи, црквите со сина купола и тиркизното море на грчкиот остров Санторини привлекуваат 3,4 милиони посетители годишно, што е далеку побројно од околу 20.000 постојани жители.

Илјадници туристи со крузери доаѓаат на островот во шпицот на сезоната, директно кон жешките точки како главниот град Фира и градот Оја на северозападниот врв, познат по своите спектакуларни зајдисонца. Тој дури го доби прекарот „Островот на Инстаграм“ поради неговиот совршен сјај „без филтер“.

Тесните улици со калдрма и балконите покрај карпите се преполни со туристи кои се сликаат на зајдисонце, а локалното население е вознемирено од гужвата. Меѓутоа, кога ќе дојде вечерта, толпата си заминува, а некои се жалат дека островот преминува од Тајмс сквер во град на духови.

Градоначалникот на Санторини, Никос Зорзос, предложи ограничување на бројот на патниците со бродови на најмногу 8.000 дневно. Овој потег е поддржан и од премиерот Кирјакос Мицотакис, кој за „Блумберг“ изјави дека мерката е поставена за следната година.

Протестите против прекумерниот туризам ова лето се одржаа во Шпанија, Холандија и други држави. Венеција ги ограничи групните тури на 25 луѓе и ги забрани мегафоните откако неодамна ја прогласи својата привремена влезна такса за успешна, со што градот доби приход од 2,64 милиони долари.

Наспроти сликите на социјалните мрежи, Џанлука Чименти, тур-оператор и жител на Санторини веќе 18 години, вели дека ова е најлошата сезона за островот.

„Вистината е дека островот е празен. Ова е најлошата сезона досега. Јули и август се врвот на сезоната на Санторини, но центрите на градовите се мртви по 21 часот, а рестораните и хотелите не се ни блиску до капацитетот. Кога гужвите ќе исчезнат, има 30% помалку луѓе споредбено со другите сезони“, тврди Чименти и додава:

„Проблемот е што социјалните мрежи покажуваат нешто сосема поинакво од она што е реалноста“.

Сепак, приходите од туризмот во Грција се зголемиле за 16% во првите пет месеци од оваа година, објави „Ројтерс“ и се очекува 2024 да ги засени рекордните 33 милиони пристигнувања од минатата година.

(Фото: Гети)