ШАМОА – ЕДИНСТВЕНОТО НАСЕЛЕНО МЕСТО ВО ИТАЛИЈА ДО КОЕ НЕМА ПАТ ЗАШТО ТАКА ИЗБРАЛЕ ЖИТЕЛИТЕ

Милано, (Би-Би-Си)

Сместено на врвот на прекрасна планинска висорамнина, на надморска височина од 1.815 метри, Шамоа е второто највисоко населено место во Италија и единствено до кое нема пристап со автомобил.

Во 1965 година, кога еколошката одржливост сè уште не беше популарен концепт, Шамоа изгради жичница, која останува неговата единствена врска со остатокот од светот.

„Тоа е нешто што нè прави многу горди. Изолираноста за некои е пречка, но за нас е можност, речиси неопходност. И сакаме работите да останат такви какви што се. Горди сме што луѓето направија избор: не сакаме пат“, вели градоначалникот на Шамоа, Марио Пучи.

Жичницата го поврзува Шамоа со Буисон на 1.100 метри и патувањето трае пет минути

Шамоа, кое се наоѓа во северозападна Италија, е изолирано од основањето во 18. век. Најмногу имало 350 жители, но оваа бројка денес е намалена на 106.

„Роден сум во една од куќите кои се наоѓаат на најголемата височина, на 1.950 метри. Во минатото, врската со долината беше патека по која се одеше пешки или на магаре“, вели локалниот жител Атилио Дукли.

Кога италијанската економија почнала да зајакнува, државата инвестирала многу во патната инфраструктура. Но, во 1955 година, жителите на Шамоа на референдум ја одбиле можноста да се изгради пат до нив. Место тоа, подоцна била изградена жичница, која работи и денес. Таа го поврзува Шамоа со Буисон на 1.100 метри и патувањето трае пет минути.