НЕПАЛ ПРОСЛАВИ 70 ГОДИНИ ОД ПРВОТО ИСКАЧУВАЊЕ НА МОНТ ЕВЕРЕСТ, РЕГИОНОТ ГОДИШНО ПРИВЛЕКУВА 50.000 ПЛАНИНАРИ

Непал, (АФП)

Синовите на Едмунд Хилари и Тензинг Норгај ги предводеа вчерашните прослави во Непал, со кои беше одбележана 70-годишнината од историското прво искачување на Монт Еверест. Нивното пристигнување на 8.849 метри високиот врв на 29 мај 1953 засекогаш го промени планинарењето, а овој подвиг стана предизвик за илјадници луѓе во следните децении.

„На многу начини, на врвот на Еверест не се качија само Ед Хилари и Тензинг Норгај, туку целото човештво. Одеднаш, сите можевме да одиме горе“, изјави Питер Хилари во училиштето основано од неговиот татко во зафрленото село Кумџунг.

Така и се случи. Според официјалните податоци, повеќе од 6.000 луѓе го имаат искачено Монт Еверест, но над 300 и загинаа во својот обид. Само оваа сезона загинаа 12-мина, а петмина се водат како исчезнати.

Оваа пролет, Непал издаде рекордни 454 дозволи за искачување на Монт Еверест, за што се плаќа 11.000 долари.

Локалните заедници и Непал добро го искористија подемот на планинарењето. Она што беа мали фармерски села кога експедицијата на Хилари помина во 1953 денес е трансформирано во туристички центри со хотели, чајџилници и продавници за опрема. Регионот Кумба годишно привлекува над 50.000 планинари.
(Фото: АП)