Една од најпознатите светски плажи, што ја прослави филмот со Леонардо ДиКаприо од 2000 година, целосно ќе биде затворена, со цел да се обнови од штетата предизвикана од милиони туристи што ја посетуваат.
Златниот песок и кристално чистите води на заливот Маја на островот Ко Фи Фи Леј станаа една од најпопуларните туристички дестинации на Тајланд по излегувањето на филмот „Плажа“, но малата плажа и околината претрпеа значителни штети откако изминативе години ја посетуваа и до 5.000 туристи и 200 бротчиња дневно.
Тајландските власти објавија дека привремено ќе ја затворат плажата од 1 јуни, но место четири месеци, таа нема да биде достапна за туристи најмалку една година, бидејќи обемот на уништувањето е преголем. Се проценува дека поради ѓубрето, бротчињата и кремите за сончање се уништени повеќе од 80% од коралите во заливот.
„Заклучивме дека еколошкиот систем е сериозно уништен од туризмот. Ќе биде многу тешко да се обнови, затоа што плажата и растенијата што ја окружуваат се целосно уништени“, вели директорот на одделот за национални паркови, Сонгтам Суксаванг.
Властите долго време се двоумеа околу затворањето на плажата, бидејќи носи годишен приход од 9,5 милиони фунти.