ТАЈЛАНДСКИТЕ ПЕШТЕРИ ОД КОИШТО БЕА СПАСЕНИ МЛАДИТЕ ФУДБАЛЕРИ СТАНАА ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА

Бангкок, (Гардијан)

Паркот и комплексот пештери во северен Тајланд, во коишто десетина млади фудбалери летоска беа заглавени 17 дена, повторно се отворени за јавност, овојпат како туристичка атракција.

Сместена во провинцијата Чијанг Раи, изолираната шумска област главно беше посетувана од локални луѓе, пред драматичното спасување на 12-темина фудбалери и нивниот тренер да ја стави во фокусот на светските медиуми во текот на јуни.

Влезот во пештерите Там Луанг сè уште не е дозволен (Фото: Гардијан)

Од повторното отворање на 16 ноември, паркот прими илјадници посетители, а стотина тезги на кои се продаваат сувенири, маици и храна се поставени долж патот што води кон него.

„Ова е неверојатна работа што им се случи на луѓето од оваа област. Во минатото имаше многу обиди да се направи туристичка атракција од пештерите Там Луанг, но тие никогаш не станаа популарни. Сега тие се познати низ целиот свет поради децата кои беа спасени тука. Чест ни е што луѓето сакаат да дојдат овдека и да трошат пари“, изјави Випа Романечутима, кој продава сувенири на влезот во пештерите, во кои сѐ уште не смее да се влегува.

Во план е и отворање на музеј кој ќе ја слави успешната спасувачка мисија.

„Освен што има повеќе туристи, ова отвора и нови работни места за локални луѓе“, велат властите.