ВЕНЕЦИЈА ЌЕ ЈА ОДОБРИ ТАКСАТА ОД ПЕТ ЕВРА ЗА ЕДНОДНЕВНИТЕ ТУРИСТИ

Венеција, (Би-Би-Си)

Градските власти на Венеција ќе го одобрат воведувањето на пробните влезници од пет евра за еднодневните туристи, во обид да воспостават контрола врз туризмот. Сите посетители над 14 години ќе мора да платат такса и да го букираат својот влез однапред.

Симоне Вентурини од градскиот совет за туризам изјави дека пробата ќе трае за време на врвот на туристичките периоди следната година.

„Венеција е меѓу најпосетуваните европски градови и поради тоа страда од прекумерниот туризам“, изјави тој.

Градот има големина од само 7,6 квадратни километри, а во 2019 примил речиси 13 милиони туристи. Се очекува овие бројки да бидат надминати во следните години.

Порано оваа година, УНЕСКО најави дека сака да ја стави Венеција на листата на загрозено културно наследство како резултат на климатските промени и масовниот туризам. Бројот на леглата достапни за туристите на главниот остров на Венеција за првпат го надмина бројот на редовните жители.

(Фото: Гети)