ВОЛКАНО – ГРАД НА ХАВАИ КОЈ ЖИВЕЕ СО СТОТИЦИ ЗЕМЈОТРЕСИ НА ДЕН

Зад жителите на гратчето Волкано на Хаваи се необични три месеци, во текот на кои можеа да почувствуваат илјадници земјотреси, како последица на ерупцијата на вулканот Килауеа во мај.

Сега кога тие ослабнуваат, жителите се надеваат дека тоа значи почеток на смирувањето на ситуацијата.

Волкано е сместен на само осум километри од кратерот на Килауеа, што го прави особено изложен и ранлив на земјотреси. Според сеизмологот Кајл Андерсон, нив ги имало и по 800 на ден во текот на јули.

Во нормални околности, градот само повремено доживува земјотреси, но во последните три месеци, голем земјотрес редовно удираше секој ден, повеќето од нив со јачина меѓу три и пет степени според Рихтеровата скала.

„Слушнав дека има доста луѓе кои се истрауматизирани“, вели Адам Ленинг, кој држи продавница во Волкано.

За разлика од околината, Волкано беше поштеден од физичкото уништување (Фото: Гети)

Преку ден, половина од луѓето во градот обично се туристи кои го посетуваат националниот парк Волкано, но тој сега е затворен, а со тоа замре и локалниот туризам.

„Земјотресите го направија Волкано град на духови“, вели локалната жителка Кети Трип.

Во последно време, тие ослабнаа на два степени и ги има десетици на ден.

„Дури и по толку време, тие сѐ уште ме изненадуваат. Тоа не е нешто на што се навикнуваш“, додава Трип.

И додека регионот Пуна беше опустошен од лавата, Волкано по некое чудо беше поштеден од физичкото уништување, иако се наоѓа во самата близина на вулканскиот епицентар. Дури и гасовите од вулканот, благодарение на ветерот, не се чувствуваат така често.