ПО 13-ГОДИШНА КОНЗЕРВАЦИЈА, ИЗЛОЖЕНО ВСЕЛЕНСКОТО ОДЕЛО НА НИЛ АРМСТРОНГ

Вашингтон, (Ројтерс)

Вселенското одело што Нил Армстронг го носеше на Месечината после 13 години е повторно изложено во музејот Смитсонијан, што се совпаѓа со 50-годишнината од денот кога беше лансирана мисијата „Аполо 11“.

Синот на Армстронг, Рик, го откри оделото заедно со американскиот потпретседател Мајк Пенс, кој потсети како земјата беше длабоко поделена во доцните 1960-ти, но се обедини во гордост кога Армстронг стана првиот човек кој стапнал на Месечината. Тој почина на 12 август 2012 во Синсинати.

Оделото 30 години беше изложено во Смитсонијан, пред да биде тргнато во 2006, бидејќи кураторите биле загрижени за неговата состојба.

Во изминативе 13 години, оделото беше подложено на исклучително напорна конзерваторска работа, која вклучуваше интервјуа со неговите дизајнери и креатори, како и истражување за материјалите кои биле користени во изработката.