ПРВ ПАМЕТЕН ВОЗ ВО СВЕТОТ ПРОМОВИРАН ВО КИНА

Жужоу, (Дејли мејл)

Футуристички железнички систем, во кој возовите се движат по виртуелни линии, беше промовиран во кинескиот град Жужоу.

Возилото се смета за прв паметен воз во светот, а ќе сообраќа низ улиците на Жужоу во провинцијата Хунан. Може да постигне брзина до 70 километри на час и има капацитет за 300 патници.

Железничкиот систем наречен АРТ или автономна железница е креиран од кинеската компанија ЦРРЦ „Корпорејшн Лимитед“, еден од најголемите светски производители на возови.

Првиот паметен воз е комбинација на автобус и трамвај, кој наместо да користи шини како трамвајот, следи бели знаци поставени на улиците со големина од 3,75 сантиментри.

Главниот инженер на возот Фенг Џиангуа вели дека виртуелниот железнички систем е многу поевтин во споредба со трамвајот и метрото. Изградбата на еден километар линија на трамвај чини од 17 до 23 милиони фунти, додека за паметниот воз ќе бидат потрошени од 5,7 до 11,4 милиони.

Џиангуа вели дека безбедноста е на високо ниво, возот ги препознава тротоарите кои се наоѓаат на трасата по која минува, а има и вградено разни други сензори, кои му даваат патни информации.

Паметниот воз официјално ќе биде пуштен во употреба на пролет, по што ќе биде воведен и во други градови низ Кина. Инженерите се надеваат дека во иднина тој ќе биде целосно автоматизиран.