ОЛИВИЈА ЊУТН-ЏОН И РЕЖИСЕРИТЕ МЕНДЕС И МЕКВИН ГИ ДОБИЈА НАЈВИСОКИТЕ КРАЛСКИ ТИТУЛИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Британските режисери-оскаровци Сем Мендес и Стив Меквин ја добија витешката титула сер во традиционалното новогодишно именување од Бакингамската палата, додека ѕвездата на „Брилијантин“, Оливија Њутн-Џон, стана дејм.

Мендес, кој доби оскар за „Американска убавина“ и режираше два филма од серијалот Џејмс Бонд, е почестен за својот придонес во драма.

„Воодушевен сум, пресреќен и неверојатно горд што ми беше укажана ваква чест“, изјави 54-годишниот Мендес, чиј нов филм „1917“ ќе биде сериозен конкурент на претстојните Оскари.

Меквин (50) ја доби престижната Тарнерова награда во 1999, а 14 години подоцна стана прв црномурест филмаџија кој освои Оскар за најдобар филм („12 години роб“).

Пејачката и актерка Оливија Њутн-Џон ја доби највисоката кралска титула за жени за својата хуманитарна работа и за легендарната кариера во забавната индустрија. Таа веќе долги години се бори со рак на дојка и се ангажираше во кампањи за пронаоѓање лек за оваа болест.