Салфетката на која тогаш 13-годишниот Лео Меси го потпиша првиот договор со Барселона ќе се продава на аукција, а почетната цена е 350.000 евра. Потпишана во декември 2000, таа го обврзуваше тогашниот директор на Барселона, Карлес Решак, да потпише со Меси.
На салфетката се и потписите на клупскиот советник за трансфери Хосеп Мингела и менаџерот Хорасио Гаџиоли, кој го препорача Меси. Гаџиоли досега ја чувал салфетката во сеф во Андора.
Меси ѝ се придружи на Барселона следниот месец и потоа ја испиша една од најславните ери во историјата на клубот. По дебито на 16 години, тој постигна 672 голови на 778 натпревари.
Салфетката била потпишана на состанок инициран од Решак, кој го поканил таткото на Меси на ручек откако семејството на Меси изразило загриженост поради немање одговор од Барселона.
„Ова е еден од највозбудливите предмети што сум ги држел во рацете. Да, тоа е хартиена салфетка, но е славна салфетка, зашто ја лансираше кариерата на Меси. Тоа ги промени животот на Меси и историјата на Барселона“, изјави Ијан Елинг, шефот на одделот за книги и ракописи во аукциската куќа „Бонамс“.
(Фото: ЛаПресе)