„Жените во сликарството на Личеноски“, која содржи портрети и актови од колекцијата на Национална галерија на Северна Македонија (НГСМ), е насловена виртуелната изложба која е поставена во Даут пашин амам, но достапна единствено електронски, преку нејзините профили на социјалните мрежи.
Националната галерија четврта година по ред организира изложба која носи свој препознатлив белег, посветен на 8 Март. Со оваа изложба се одбележуваат и 120 години од раѓањето на Личеноски (26.3.1901-10.4.1964), основоположникот на современата македонска ликовна уметност.
Изложбата опфаќа портрети, актови, студии работени во јаглен, цртежи од студентските денови и масла на платно, лесонит, шпер и картон.
„Во оваа изложба се вклучени токму дела кои во иднина ќе бидат дел од поставката на Спомен-куќата на Лазар Личеноски. Оваа виртуелна изложба претставува единствена можност публиката да види некои од уметничките дела кои ретко се изложуваат, а некои и за првпат“, вели НГСМ.