„НАРЕДНИКОТ ПЕПЕР“ НА „БИТЛС“ ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈПОПУЛАРЕН АЛБУМ ВО БРИТАНИЈА НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Лондон, (АП)

„Наредникот Пепер“, психоделичното ремек-дело на „Битлс“ од 1967 година, е именуван за најпопуларен албум во Велика Британија на сите времиња.

Компанијата за официјални топ-листи го заклучи ова врз основа на физички продажби, даунлодирања и стримувања на албумот во Велика Британија. Неговата комбинирана продажба изнесува 5,34 милиони примероци.

„Битлс“ го издадоа албумот на врвот на својата експериментална и иновативна фаза, кога веќе престанаа да одат на турнеи, фокусирајќи се на студиската работа под водство на продуцентот Џорџ Мартин.

На второто место на вечната листа се најде „21“ на Адел (5,11 милиони примероци), додека „Оејзис“ завршија како трети со „(What’s The Story) Morning Glory“ (4,94 милиони). Најдобрата петорка ја заокружуваат „Пинк флојд“ со „Темната страна на месечината“ и Мајкл Џексон со „Трилер“.