15 НАСТАНИ НА ВЕЛЕШКОТО КУЛТУРНО ЛЕТО ОД ДЕНЕСКА ДО 15 АВГУСТ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Со концертот на балетското студио за деца „Анабела“, со кој одбележува 25 години постоење, вечерва започнува Велешкото културно лето. Првиот „културен бран“ нуди содржини до 15 август и предвидени се 15 настани, како концерти, промоции и филмски проекции.

„Одлучивме да организираме повеќе настани за да им овозможиме на граѓаните да ги задоволат своите потреби за култура. Содржините се во рамките на нашите можности. Повеќето ќе се одржуваат во Амфитеатарот во Младински парк и тука нема да биде загрозено здравјето на посетителите и учесниците“, кажа градоначалникот Аце Коцевски.

Според најавената програма, меѓу другото, ќе можат да се проследат концертот на староградска и новокомпонирана народна музика „Македонски ноти“, проекција на филмот „Републиката во пламен“, изложбата „Велес низ старите фотографии“, изложба на ликовни дела изработени од ориз и концертот на Градскиот камерен оркестар „Стефан Гајдов“ насловен „Сербез класика“.

П. ПЕЧКОВ