223 КМ/ЧАС БЕЗ ВОЗАЧ ЗАД ВОЛАНОТ – ИНДИЈАНАПОЛИС БЕШЕ ДОМАЌИН НА ПРВАТА ТРКА НА САМОВОЗЕЧКИ БОЛИДИ

Индијанаполис, (АФП)

Алгоритам, а не возач беше победникот на последната трка на легендарната овална патека во Индијанаполис, на која што најдобриот болид постигна просечна брзина од 218 километри на час.

Тимот на Техничкиот универзитет во Минхен ја освои наградата од милион долари на првата трка Indy Autonomous Challenge, на која настапија самовозечки автомобили. Тие беа програмирани да возат шест круга, при што најбрзиот круг го извозе уште еден европски тим, Јурорејсинг на Универзитетот на Модена и Реџо Емилија, со рекордни 223 км/час.

Секое возило се потпираше врз сензори, камери, радар и особено ГПС. „Далара ИЛ-15“, користен од сите тимови, потсетува на Формула 1 болид, но е помал и чини 230.000 долари. Сепак, технологијата што била вградена во нив ја зголемила нивната вредност на милион долари, велат организаторите. Меѓу уредите се истакнуваат сензорите кои ја мапираат површината од 400 метри оддалеченост.

„Нашата просечна брзина од 218 км/час не е далеку од она што луѓето можат да го постигнат возејќи го истиот болид. Никој не знаеше колку брзи можат да бидат самовозечките автомобили на натпревар“, вели Александер Вишневски од победничкиот тим.

Две години, девет тимови се подготвувале за настан на кој болидите истовремено ќе бидат на патеката, но организаторите се премислиле во последен момент и се решиле за хронометарска трка.