АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ ПО ЧЕТВРТИ ПАТ РЕЖИРА ВО ЈУГОСЛОВЕНСКО ДРАМСКО ПОЗОРИШТЕ

Белград, (Н1)

Режисерот Александар Поповски, кој е уметнички директор на Словенско народно гледалишче (СНГ) во Марибор, почна со пробите за нова претстава во Југословенско драмско позориште во Белград.

Еден од омилените режисери на балканската публика четврти пат работи во култниот српски театар, а овојпат ја поставува „Алиса во земјата на стравови“. Текстот е на Словенката Ева Махковиц, а ќе има праизведба во СНГ.

Играат: Милан Мариќ, актуелен со улогата на Тома Здравковиќ во новиот хит „Тома“, Милена Радуловиќ, Небојша Љубишиќ, Радован Вујовиќ, Слобода Миќаловиќ, Јована Беловиќ, Тамара Шуштиќ, Ива Стефановиќ и Денис Муриќ. Сценографијата е на Нумен (Свен Јонке), а костимите на Миа Поповска.

Поповски на читачките проби (Фото: ЈДП)

Како што соопшти ЈДП, драмскиот текст „Алиса во земјата на стравови“ е инспириран од сцени од книгата „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол.

Поповски досега во ЈДП ги има поставено „Кандид или оптимизам“ од Волтер, „Метаморфози“ од Овидиј и „Хамлет“ од Шекспир.