ТАЈЛАНД ПРВ ВО АЗИЈА ЈА ЛЕГАЛИЗИРАШЕ МАРИХУАНАТА, ЌЕ ИМ ПОДЕЛИ МИЛИОН СЕМИЊА НА ГРАЃАНИТЕ

Бангкок, (Би-Би-Си)

Тајланд стана првата азиска држава која ги легализираше одгледувањето и продажбата на канабис, што има за цел да ги поттикне земјоделството и туризмот, но пушењето останува забрането. Активистите ја поздравија реформата, имајќи предвид дека Југоисточна Азија е позната по строгите закони против дроги и велат дека ова фактички значи декриминализација на марихуаната.

Владата ќе им подели на граѓаните еден милион семиња канабис со цел да ги охрабри да го одгледуваат.

„Ова е можност за граѓаните и државата да заработат од марихуаната“, изјави вицепремиерот и министер за здравство Анутин Чарнвиракул.

Од денеска, секое домаќинство ќе смее да поседува шест стебла марихуана ако се регистрира кај властите, а и компаниите ќе можат да садат со дозвола. Во рестораните ќе се служат јадења и пијалаци зачинети со марихуана.

Властите ги предупредија граѓаните дека пушењето во јавност не е дозволено и ќе се смета за нарушување на јавниот ред.