Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс ламина“ на Саемот на книга го промовираа новото издание на „Бајки од Македонија за цела година“.
Таа е составена од 52 приказни од македонското народно творештво, односно по една за секоја недела во годината. Бајките се избрани од собраните народни приказни од Марко Цепенков, Стефан Верковиќ и Танас Вражиновски. Креативниот концепт и илустрациите се дело на Катерина Николовска, а адаптацијата на приказните е на Билјана Црвенковска.
„Горди сме што и годинава нашата мисија, а тоа е поддршка на креативноста во чест на големиот креативец Иво Лауренчиќ, е исполнета со ново вредно дело. Многу сме среќни што успеавме традиционалното народно творештво да го прикажеме на еден современ начин, кој одлично комуницира со денешните љубители на убавиот пишан збор“, изјави Ангелка Пеева-Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.
Ова е четврти заеднички проект на „Арс Ламина“ и „Браво сине!“, по „Бајки од Македонија“, „Басни од Македонија“ и авторската бајка за деца „Мистериозното јајце“ на Оливер Коларевски. Едицијата „Бајки од Македонија“ е преведена на неколку светски јазици, а објавено е и издание со Брајово писмо.