СЦЕНАРИСТОТ НА КАНСКИОТ ПОБЕДНИК ОД 2011, „БЕШЕ ЕДНАШ ВО АНАДОЛИЈА“, ДОАЃА ВО СКОПЈЕ НА „ПРО-ЗА БАЛКАН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Tурскиот писател Ерџан Кесал, актер и сценарист на филмот „Беше еднаш во Анадолија“, кој победи во Кан во 2011 година, ќе биде специјален гостин на 7. Интернационален литературен фестивал „Про-За Балкан“ во Скопје. Средбата на Кесал и публиката е закажана на 20 мај, од 17 до 18 часот, во Турскиот културен центар „Јунус Емре“.

„И покрај тоа што периодов е зафатен со снимање, Кесал изрази голема желба да дојде на фестивалот и да остане макар еден ден. Кесал игра и во турската серија ‘Јама‘, актуелна периодов кај македонската публика“, велат од „Про-За Балкан“.

„Моето пишување не потекнува од ништо друго освен од моите искуства. Што и да правам е ревидирана и регенерирана рефлексија на комплицираниот материјал вткаен во мојата меморија. Јас пишувам така што повторно го создавам сето она што останало од тоа што го живеам, гледам, слушам и читам“, вели Кесал за македонските медиуми.

Мотото на годинашниот фестивал е „Синергија: литература, филм, музика“. Фестивалот претходно објави дека бугарскиот писател Алек Попов е добитник на наградата за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, „Прозарт“. Попов е автор на хит-романите „Мисија Лондон“, според кој е снимен истоимениот блокбастер, „Црната кутија“ и „Сестри Палавееви“. Признанието ќе му биде врачено на 21 мај во Даут-пашин амам.