АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ВО ЕВРОПА СЕ НАМАЛИ КАКО СПОРЕДЕН ЕФЕКТ НА КОРОНАВИРУСОТ

Хаг, (Би-Би-Си)

Новите податоци добиени од сателитот „Сентинел-5П“ на Европската вселенска агенција покажуваат значително подобрување на квалитетот на воздухот над Европа, што се смета за спореден ефект на пандемијата на коронавирусот.

Мапите покажуваат драстично опаѓање на концентрациите на азот диоксид над неколку големи европски градови, вклучувајќи Рим, Милано, Париз и Мадрид.

Концентрациите на азот диоксид во Европа во март 2019 и март 2020 (Фото: ЕСА)

Коронавирусот за три месеци се прошири низ цел свет и тоа доведе со запирање на сите сфери на општеството, вклучувајќи ги и сообраќајот и индустриското производство во голем обем, при што цели градови и држави се ставени во карантин.

„Сентинел-5П“ неодамна го мапираше аерозагадувањето над Европа и Кина, што покажа значително намалување на нивото на азот диоксид, загадувач што доаѓа главно од користење на фосилни горива.

Концентрациите на азот диоксид во северна Италија во март 2019 и март 2020 (Фото: ЕСА)

„За да добиете точен увид, не се доволни податоци од само еден ден, туку треба просек од барем десет дена. Има голема варијабилност во нивото на азот диоксид од еден за ден, што се должи само на временските прилики. Дури со комбинирањето на податоците од десет дена може да се види вистинска промена предизвикана од човечки активности“, вели д-р Хенк Ескес од Кралскиот метеоролошки институт на Холандија.

„Сентинел-5П“ направи нови мапи за Франција, Шпанија и Португалија, но најголема позитивна промена е видлива над северниот дел на Италија.