АЛБАТРОСОТ ВИЗДОМ, НАЈСТАРАТА ДИВА ПТИЦА НА СВЕТОТ, ДОБИ НОВО ПИЛЕ НА 70 ГОДИНИ

Вашингтон, (Гардијан)

Албатросот Виздом изведе уште едно пиле на 70-годишна возраст.

Наречена „најстара позната дива птица во историјата“, Виздом ги надживеа своите поранешни партнери и биологот Чендлер Робинс, кој прв ја означил во 1956 година.

Виздом го извела пилето на 1 февруари во националното засолниште за див свет Мидвејски Атол во Северен Пацифик, каде што секоја година се враќаат милиони албатроси за да се гнездат. Таткото на пилето е долгогодишниот партнер на Виздом, Акеакамаи, со кого се заедно од 2012.

„Веруваме дека Виздом има и други партнери. Иако албатросите наоѓаат партнери за цел живот, тие можат да најдат и други, ако е потребно“, изјави Бет Флинт од американската Служба за риби и див свет.

Оттаму проценуваат дека Виздом извела повеќе од 35 пилиња во текот на животот.