„АМАЗОН“ ИМАЛ ПРОФИТ ОД 11,2 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ВО 2018, А ПЛАТИЛ 0% ДАНОК

Њујорк, (Гардијан)

„Амазон“, највредната компанија на светот, пријавила профит од 11,2 милијарди долари за минатата година, но на тоа нема да плати ниту цент данок.

Ова стана јасно неколку дена откако гигантот во онлајн продажба се откажа од планот да изгради уште едно свое средиште во Њујорк, вредно три милијарди долари, соочен со критиките дека за тоа би се потрошиле средства од даночните обврзници. На ова се спротивставија локални политичари, кои посочија дека компанија која заработила една милијарда долари во последните три месеци не би смеела да користи јавни пари. Нивниот став беше поткрепен со најновите податоци дека „Амазон“ не платил никаков данок втора година по ред.

Минатата година, „Амазон“ речиси го удвоил својот профит, од 5,6 на 11,2 милијарди долари, но место да плати задолжителен данок од 21%, тој имал поврат на федералниот данок на приход од 129 милиони долари, со што даночната стапка му изнесува -1%.

„Амазон“ не е осамен ваков случај меѓу големите корпорации. „Нетфликс“ лани имал рекорден профит од 845 милиони долари, но исто така не платил федерален и државен данок, што беше овозможено од новите даночни закони на Доналд Трамп.